Три кратки раскази од Леонора Карингтон [дел I]
Дејството во приказните на Леонора Карингтон никогаш не се развива докрај…
Леонора Карингтон (1917–2011) е британска надреалистка, ликовна уметница и авторка. Родена во богато англиско семејство, Леонора за прв пат дебитирала во Бакингамската палата во 1935 година. Oваа средина била репресивна, па таа во два наврати била избркана од женските воспишталишта поради бунтовничкиот дух. Во 1933 година, Леонора ја одржала својата прва изложба во галеријата „Блумсбери“ и била поканета да изложува и на меѓународната изложба во Лондон, каде што била единствената женска учесничка.
Во 1936 година, на заедничка изложба се сретнува со сликарот Макс Ернст и со него бега во Франција. По кратко време Ернст е гонет од француската полиција, а подоцна и Гестапо, па тој и Лeонора се разделуваат. Таа доживува нервен слом кога дознава дека Ернст е во концентрационен логор. Против своја волја поминува две години во шпански санаториум од кој успева да избега. Неколку години живее во Њујорк, по што се сели во Мексико.
Во седумдесетите години, Карингтон е една од предводничките на Движењето за женска слобода во Мексико.
Делата на Леонора Карингтон, и сликарските и литературните, се инспирирани од соништата, имагинативното, комичното. Во нејзините кратки раскази исполнети со магичен надреализам и симболизам, дејството никогаш не се развива докрај. Чајанките, хиените и магијата преовладуваат во острата сатира на Леонора, која е критична кон општествените стеги.
Освен многубројните уметнички слики, скулптури и рачни изработки, Карингтон има издадено неколку книги, меѓу кои мемоарот „Down Below“ во кој зборува за својот нервен слом, потоа романот „The hearing trumpet“, како и многубројни кратки раскази кои се објавени во колекцијата „The complete stories of Leonora Carrington“.
„Дебитантката“ е расказ кој бил објавен во „Антологијата на црниот хумор на Андре Бретон“ (1940).
Во второто продолжение, ќе ги читаме двата кратки разкази „Летај, гулапче!“ и „Овалната дама“.
Дебитантката [1940 година]
Кога бев дебитантка, често одев во Зоолошката градина. Таму бев цело време, па животните ги познавав подобро од моите врснички. Во Зоолошката одев за да избегам од луѓето, па таму бев секој ден. Најдобро се запознав со една хиена. И таа ме познаваше мене. Беше многу интелигентна. Ја научив француски, а таа за возврат ме научи да зборувам на нејзиниот јазик. Многу часови ни минуваа во пријатен разговор.
На почетокот на мај, мајка ми организираше бал во моја чест. Во тој период, ноќите ми беа бессони и стресни. Отсекогаш ги мразев баловите, особено оние што беа организирани за мене.
Рано изутрината на 1 мај 1934 година, отидов да ја посетам хиената.
„Каква проклета мака“, ѝ реков. „Морам да одам на мојот бал вечерва.“
„Ти си среќничка“, ми рече. „Би сакала и јас да дојдам. Не знам да танцувам, ама знам да разговарам.“
„Ќе има послужено разновидни јадења“, ѝ реков. „Видов камиони полни со храна пред нашата куќа.“
„И уште се жалиш“, згрозена беше хиената. „Помисли на мене, јадам само еднаш дневно и не ни можеш да си претставиш какви помии ми даваат.“
Добив една толку смела идеја, што почнав да се смеам. „Сè што треба да направиш е да одиш место мене!“
„Воопшто не си личиме, инаку би одела“, рече хиената видно натажена.
„Слушни ме сега“, ѝ реков. „Никој не гледа баш добро на вечерна светлина. Ако се маскираш, никој нема да те забележи во гужвата. Плус, скоро сме истата големина. Ти си ми единствена пријателка, те преколнувам да го направиш ова за мене.“
Хиената размислуваше за мојот предлог, но јас знаев дека таа навистина сакаше да дојде.
„Добро“, рече одеднаш таа.
Беше многу рано, па во Зоолошката немаше чувари. Набрзина го отклучив кафезот и за само неколку секунди веќе бевме на улицата. Фатив такси, а дома сите уште спиеја. Кога влеговме во мојата соба, го извлеков фустанот што требаше да го носам на балот. Беше малку долг, па на хиената ѝ беше тешко да оди во моите високи потпетици. Најдов ракавици за да ги скриеме нејзините раце кои беа превлакнести за да личат на моите. Кога хиената веќе неколку пати ја обиколуваше собата вежбајќи го својот исправен од, сонцето започна да ја осветлува мојата соба. Бевме толку занесени што за малку мајка ми ќе влезеше во собата и ќе не фатеше, но хиената успеа набрзина да се скрие под креветот.
„Собава мириса многу лошо“, рече мајка ми и го отвори прозорецот. „Мораш да се искапеш, искористи ја новата пенлива купка“.
„Секако“, реков.
Мајка ми не остана долго. Мислам дека реата беше премногу за неа.
„Не доцни на појадок“, рече и излезе од собата.
Најтешко ни беше да го замаскираме лицето на хиената. Потрошивме многу време додека давав најразлични предлози, но хиената ја одбиваше секоја моја сугестија.
„Мислам дека знам како. Имаш ли слугинка“, праша таа на крајот.
„Да“, реков збунето.
„Ете така. Заѕвони ѝна твојата слугинка и кога ќе влезе, ние ќе ѝсе нафрлиме и ќе ѝ го одереме лицето. Вечерва, ќе го носам нејзиното лице.“
„Тоа е непрактично“, реков. „Ако ѝго одереме лицето, најверојатно ќе умре. Некој ќе го најде трупот и ќе завршиме во затвор“
„Доволно сум гладна за да ја изедам “, одговори хиената.
„Сосе коски?“
„Сoсе коски“, потврди. „И сега што ќе правиме?“
„Само ако ми ветиш дека ќе ја убиеш претходно. Инаку, многу ќе ја боли“.
„Добро. Мене ми е сеедно.“
Панично ѝзаѕвонив на Мери, мојата слугинка. Сигурно немаше да го направам ова, но воопшто не сакав да одам на балот. Кога дојде Мери се свртев накај ѕидот за да не гледам. Морам да признаам дека сè траеше кратко. Мал писок и сè беше готово. Гледав низ прозорецот додека хиената јадеше.
„Не сум веќе гладна. Останаа уште нејзините стапала, но ако имаш ќесе, ќе ги изедам подоцна.“
„Ќе видиш една украсна кутија во долапот. Земи ги шамивчињата од внатре“. Хиената направи како што ѝреков. „Сврти се и погледни колку сум убава“, ми рече.
Пред огледалото, хиената го носеше лицето на Мери и се восхитуваше на својот изглед. Лицето беше изгрицкано во совршена форма, па останато беше само потребното.
„Прецизно“, реков.
Веќе беше самрак, кога хиената, целосно дотерана ми кажа „Се чувствувам тип-топ. Мислам дека ќе сум голем успех вечерва.“
Веќе подолго време ја слушавме музиката оддолу, па реков „Симни се, но запамти — не стој близу до мајка ми. Таа е обврзана да забележи дека тоа не сум јас. Освен неа, нема кој друг. Среќно“, ја бакнав. Не мирисаше многу силно.
Падна мрак. Изморена од емоциите што ги донесе денот, зедов една книга и седнав покрај отворениот прозорец, дозволувајќи си малку мир и тишина. Се сеќавам дека ја читав „Гулеровите патувања“ од Џонатан Свифт. Еден час подоцна, ги забележав првите знаци на неволја. Еден лилјак влезе во собата, очајно квичејќи. Имам уплав од лилјаци. Се сокрив зад еден стол, а вилицата ми се тресеше од страв. Едвај имав клекнато кога крилјата на лилјакот беа надгласени од силен тресок. Влезе мајка ми, побелена од бес.
„Само што седнавме на масата, кога тоа нешто што седеше на твоето место стана и се развика „Можеби мирисам силно, па што? Јас не јадам торти!“.
Си го откорна лицето и го изеде. И со еден голем скок, исчезна низ прозорецот.
Кралската заповед [1937]
Добив кралска покана да ја посетам кралицата.
Поканата беше украсена со чипка, буквите беа златни. Од страните, поканата беше украсена со рози и ластовички.
Отидов да ја земам колата, но мојот шофер кој не е баш најтактичен, ми кажа дека ја закопал.
„Ја закопав зошто растам печурки“, ми рече. „Нема подобар начин да се растат печурки“.
„Брејди“, му реков. „Ти си комплетен идиот. Ми ја уништи колата.“
Па така, мојата кола стана неупотреблива и бев приморана да најмам коњ и кочија.
Кога стигнав во палатата, еден апатичен слуга облечен во црвено и златно ми рече „Kралицата полуде. Моментално е во бањата.“
„Тоа е ужасно“, реков. „Како полуде?“
„Од жештината.“
„Дали може да ја видам?“ Не сакав долгиот пат да биде за џабе.
„Да“, одговори слугата. „Може да ја видите.“
Поминавме низ ходниците од лажен мермер, но уредно изработен. Поминавме и низ собите со грчки релјефи и „Медичи“ кровови. Насекаде имаше украси од восочно овошје.
Кога стигнав, кралицата беше во бањата. Забележав дека се капе во козјо млеко.
„Влези“, ми рече. „Примети ли дека користам само живи сунѓери? Поздраво е.“
Сунѓерите пливаа по површината на кадата и кралицата не можеше да ги фати. Еден слуга, опремен со долги клешти, одвреме навреме ѝ помагаше.
„Наскоро ќе завршам со капење“, ми рече. „Имам еден предлог за тебе. Сакам да одиш до Владата место мене, премногу сум изморена. Нема да ти биде тешко, сите се идиоти.“
„Добро тогаш“, реков.
Владината комора беше на другиот крај од палатата. Министрите седеа на една долга и сјајна маса.
Како заменичка на кралицата, седнав на столче во ќошот. Премиерот стана и чукна по масата со судски чекан. Масата се преполови на два дела. Тој го замени чеканот со нов, овојпат гумен. Повторно чукна по масата и ни се обрати. „Госпоѓице кралска заменичке, министри пријатели, нашето драго и сакано Височество вчера полуде и потребна е замена. Но, најпрво треба да ја убиеме старата кралица.“
Министрите почнаа да си шепкаат меѓусебе. Доста претставително, најстариот министер стана и го започна своето обраќање. „Доколку тоа е случајот, мораме да смислиме план. Не само што треба да испланираме, туку треба и да донесеме одлуки. Мораме да избереме кој ќе ја убие кралицата.“
Одеднаш, сите ги кренаа рацете. Како заменичка, не знаев што да правам.
Збунет, премиерот ги погледна министрите.
„Не можеме сите заедно да ја убиеме“, рече. „Но, имам многу добра идеја. Ќе играме табла, а победникот ќе ја убие кралицата.“ Премиерот се сврте накај мене и ме праша дали и јас ќе им се придружам.
Навистина се засрамив. Немав желба да ја убијам кралицата, веќе ги предвидов последиците. Но од друга страна, не ме биваше во играње табла. Ми се чинеше дека нема опасност и прифатив.
„Во ред“, реков.
„Значи, се разбравме“, рече премиерот. „Победникот ќе треба да се прошета со кралицата до стаклената градина. Кога ќе стигне до лавовите (вториот кафез од лево), може да ја турне кралицата внатре. Јас ќе му кажам на чуварот до утре да не ги храни лавовите.“
Кралицата ме повика во нејзината канцеларија. Ги полеваше цвеќињата извезени во тепихот.
„Па, како помина“, праша.
„Одлично“, збунето одговорив.
„Дали сакаш супа?“
„Премногу сте љубезна“, реков.
„Тоа е лажен чај од говедско. Го правам сама“, рече. „Внатре има само компири.“
Додека ја јадевме чорбата, оркестарот свиреше популарни и класични мелодии. Кралицата обожаваше музика што декоцентрира.
Кога го завршивме оброкот, таа отиде да се одмори. Јас отидов да играм табла на терасата. Бев нервозна, но моите спортски инстинкти ги наследив од татко ми. Дадов збор дека ќе одам и ќе одам.
Терасата беше импресивна и пространа. Министрите веќе се имаа собрано пред градината затемнета од самракот и чемпресите. На терасата имаше поставено дваесет масички. На секоја масичка имаше по две столчиња со тенки и кревки ножиња. Кога забележаа дека доаѓам, премиерот викна „Седнувајте на местата“, па сите побрзаа до масичките и почнаа жестоко да играат.
Цела вечер игравме без престан. Единствените звуци кои ја прекинуваа играта беа случајните фучења на лутите министри. Почна да се зазорува и една гласна труба го означи крајот на играта. Глас, што не гледав од каде доаѓа, извика „Таа победи. Таа беше единствената што не мамеше.“
Се вкочанив од страв.
„Кој? Јас?“, прашав.
„Да ти“, одговори гласот и тогаш забележав дека зборувам со највисокиот чемпрес.
„Ќе избегам, си помислив, и почнав да трчам накај булеварот. Но, чемресот си ги откорна корените, па парчиња земја излетаа насекаде. Почна да трча по мене и беше многу поголем, па застанав. Застана и тој. Сите негови гранки се тресеа — се чинеше дека оддамна не трчал и ја изгубил кондицијата.
„Прифаќам“, му реков, па чемпресот почна да се враќа назад.
Кога ја најдов кралицата, таа си лежеше на нејзиниот огромен кревет.
„Сакам да ве поканам на прошетка до градината“, реков, иако ми беше многу непријатно.
„Прерано е“, одговори таа. „Уште нема пет часот. Не станувам пред 10 часот.“
„Надвор е многу пријатно“, додадов.
„О, ајде тогаш, штом инсистираш.“
Се спуштивме долу, во тивката градина. Зазоруваше, зората е час на тишината. Сè беше толку мирно, се движеше само светлината. Запеав за малку да се расположам. Ми влезе студ во коски. Во меѓувреме, кралицата ми раскажуваше како сите коњи ги нахранила со џем.
„Поради џемот веќе не се толку злобни“, ми рече.
Можеби треба и на лавовите да им даде малку, си помислив.
Долгата патека до стаклената градина, беше насадена со овошни дрвореди. Одвреме-навреме зрелите овошки се распрснуваа на земјата. „Плоп!“
„Најлесно се лечат главоболките, ако си доволно самоуверен“, рече кралицата. „Јас секогаш се лечам со говедски мевциња маринирани во маслиново масло. Ги ставам во носот. Наредниот ден, настинката ја нема. На ист начин може да се лекувате и со ладни кнедлички во сос од црн дроб, особено телешки. Вистинско чудо е како ја разбиструваат тежината во главата.“
Таа никогаш повеќе нема да има главоболка, си помислив.
„Бронхитисот е малку покомплициран. Скоро го спасив мојот сирот маж од последениот бронхитичен напад така што му сплетов палто. Но, тоа не беше докрај успешно.“
Стаклената градина беше сè поблизу и поблизу. Веќе можев да ги слушнам животните кои се препелкаа натежнати од утринската дремка. Сакав да се вратам, но ми беше страв од чемресот и работите кој ги умее со неговите долги гранки. Колку посилно ми мирисаше на лавови, толку погласно пеев за да се охрабрам.
Мувата на г-дин Грегори [1940]
Си беше еднаш, еден маж со големи црни бркови. Се викаше господин Грегори (мажот и брковите се викаа исто). Уште од младоста, господин Грегори мака мачеше со една мува што му влегуваше во уста секогаш штом ќе прозбореше. А некој му прозбореше нему, мувата веднаш му излегуваше од увото.
„Што е досадна мувава“, ѝ рече господин Грегори на жена му, на што таа одговори „Сочувство, изгледа доста грозно. Можеби треба да одиш на доктор.“
Арно ама, немаше еким што можеше да го излечи господинот Грегори од досадната мува. Го прегледаа неколку доктори, но никој немаше слушнато за ваква болест.
Господинот Грегори повторно отиде на еден преглед, но ја погреши адресата и тропна на вратата на една бабица. Бабицата беше мудра жена и се разбираше во многу работи, не само во породувања.
„Аааааааааа да, мувата — сум слушнала за неа“, рече мудрата жена, кога господинот Грегори ја прекина, велејќи „Извинете, имав закажано кај др. Фонтин“, а мувата како и секогаш му влета во устата.
„Знам чаре за мувата“, жената му рече на господин Грегори.
„Драго ми е, госпоѓо“, одговори господин Грегори.
Па така, мудрата жена го покани господин Грегори да седне на едно столче. „Да, знам како да ја излечам мувата. Но, тоа ќе те чини многу. Околу три четвртини од твоето богатство.“
Господин Грегори вџашено потскокна, но сепак прифати. Почна да го пишува писмото:
„Ѝ ја оставам мојата куќа на мудрата жена (куќата не беше негова). Ѝоставам на мојата жена (тој сакаше развод) десет шилинзи (немаше скршен денар) и една крава (стануваше збор за бесен бик).
Џорџ Лоренс Грегори (ова му беше точното име).
Мудрата жена многу добро знаеше дека господин Грегори лаже, но сепак не рече ништо. Само го зема пусулчето и плукна на земјата. Му даде едни капсули на господин Грегори и му рече „Земај по две на секое јадење, заедно со чај од малку сенф и вода од кнедли. Тоа е тоа“.
„Ви благодарам многу“, рече господин Грегори и си замина. Малку подоцна, господин Грегори се напи две капсули со чај направен од малку сенф и вода од кнедли, според рецептот на мудрата жена. Веќе изутрината, мувата си имаше заминато, но господин Грегори одеднаш посине, а на местото на неговите очи, уста, нос, уши и задник сега имаше затворени црвени патенти.
„Ова е полошо и од мувата“, рече жена му, но господин Грегори не рече ништо — тој знаеше дека ја излажа мудрата жена. Си го заслужив ова, помисли тој. Ееее, колку ќе бев среќен кога само мувата ми беше гајлето. Но, тој и последните свои денови ги помина посинет и со црвени затворени патенти кај очите, устата, носот, ушите и задникот. Тоа изгледаше доста гадно, особено кога беше гол во бањата.